Десет години Горан Ристов од Долно Црнилиште се занимава со цвеќарство. Главниот мотив му била љубовта кон цвеќињата иако знаењето во почетокот му било ограничено, односно го знаел тоа што го научил кај роднините во Струмица кои се занимавале со цвеќарство. „Почетокот беше тежок се сеќава Горан. „Почнав да продавам на патот во с. Сарамзалино. Цела недела никој не купи ништо. Последниот ден од неделата дојде еден клиент од Штип и откупи голема количина цвеќињата. Ми беше како знак дека ова е вистинската работа“, додава тој.
„Во земјоделието има добра заработка но, има и доста работа“, вели Марјан Стојанчевски од Скопје. Тој и неговиот брат Перица во 2005 година започнале да се занимаваат со земјоделство. „Татко ми беше трговец, ама ние немавме искуство во трговијата. „Кога почина, не можевме да ја преземеме неговата работа па моравме да бараме друг излез“, раскажува Марјан. Имавме малку знаења за земјоделство, а потоа и вујко ми ни отстапи 10 хектари земјиште во близината на селото Таор и така почна се“, вели тој.
Саветка Арсова и Блага Јованова од Неготино го започнуваат нивното бизнис партнерство во 2007 година со основањето на модната конфекција Меџик Фешн. „Претходно работев во друга конфекција“, вели Саветка, „ама работењето во три смени и ниските примања ме мотивираа да размислувам за сопствен бизнис.“
Ова е мотото на Владимир Јорданоски кој професионално се занимава со земјоделство од 2001 година. Започнал со површина од 400 метри квадрати. Земјиштето го обработувал заедно со сопругата, а за продажбата на пазарите се грижел самиот. „Имам одличен пласман”, вели Владимир и објаснува дека производите ги продава на Зелен пазар во Скопје, на Кванташки пазар, во Скопје и на одреден број на продавници во малопродажба. „Никогаш не продавам неквалитетни (расипани производи)”, вели тој.
Земјоделството е традиција во семејството на Дрита Камческа од селото Бела Црква кај Прилеп. „Започнавме со обработка на само два декари земјиште кое беше во наша сопственост и на кое одгледувавме пиперки” се сеќава Дрита, „дел од средствата од продажбата ги вложувавме во проширување на обработливото земјиште и денес моето семејство располага со 100 декари обработливо земјиште од кое половина е во наша сопственост, а другата половина ја најмуваме. Одгледуваме пиперки, кромид, компир и житни култури”, додава таа.
Предраг Ивановиќ ја регистрирал својата фирма за производство на мебел, Сан-Мар, во 2005 година. Претходно, занаетот го усовршувал во други слични фирми. Почнал со сопствени средства, а во првите неколку години стекнатата заработка ја ре-инвестирал во набавка на машини за производство на мебел, а купил и мал камион за доставување на материјали и финални производи. „Во почетокот имав проблем со пробивањето на пазарот и со нелојалната конкуренција”, вели Предраг, „но потоа си го наоѓате своето место. Работам и за физички и за правни лица, најчесто по препорака на претходни клиенти”.
Рефет Ејупи од гостиварското село Форино веќе седум години успешно се занимава со земјоделство и сточарство. По четиригодишната печалба во Швајцарија и во Германија и неколку годишниот ангажман како таксист, во 2006 година решил да му се посвети на сегашниот бизнис. Иако имал само 4 декари земјиште во сопственост, успеал да изнајми дополнителен простор на кој изградил фарма која денес има 20 говеда. Што се однесува до земјоделството, најмногу одгледува пипер.