МРФП и понатаму ќе развива партнерства, било да е по основ за зголемено влијание или заедничка мобилизација на средства, со единствена цел - развој на малите претпријатија. МРФП во партнерството ги вложува своите институционални референци, капацитетот за формулирање и спроведување проекти според највисоките стандарди и обезбедување ко-финансирање.
Реализирани активности
МРФП заедно со штедилница Можности и ФУЛМ и микрокредитната фондација Хоризонти го основаа Сојузот на микрофинансиски организации во чии рамки се спроведува проектот Инклузија и иновации во микрофинансирањето, финансиски подржано од УСАИД.
МРФП воспостави партнерства со Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ). За нив, МРФП (од 2006 година заклучно со 31.12.2014 година за ССК и од 2006 година до крајот на 2015 година за СКСЗМ) обезбеди поддршка во изработка и спроведување на нивните стратешки планови и јакнење на нивниот капацитет. Со градењето на нивниот капацитет, МРФП помогна ССК и СКСЗМ да се идентификуваат како клучни актери од одговорните владини институции, и истите да бидат вклучени во дијалогот за подобрување на економската клима во земјата. Покрај ССК и СКСЗМ, МРФП обезбеди финансиска поддршка и за спроведување на програмските активности на Групата за развој на потсекторот домат и пиперка и Мрежата за рурален развој.
МРФП во конзорциум со граѓанска организација од Албанија: Центар за управување со промени и кризи (Партнерс Албанија), го спроведе проектот „Промоција на женско претприемништво во пограничен регион“.
МРФП го поддржа здружението КХАМ од Делчево во спроведување на проектот „Зголемување на вработеноста на жените Ромки“ во периодот 01.02 - 01.07.2015 г.. Со проектот се мотивираа невработените жени Ромки од источниот плански регион за учество на обуки за развој на технички, претприемачки вештини и обука преку работа. Вкупно беа обучени 36 невработени жени Ромки.
Заедно со ССК, Министерството за економија (како носител) и здружението „Конект“, МРФП го промовира концептот на општествена одговорност на претпријатијата. Овие активности треба да придонесат за зголемување на конкурентноста на македонските мали претпријатија и да ги приближи до ЕУ стандардите.
Во партнерство со локални акциони групи од четири општини од западниот економски регион: Пеќ, Дечани, Клина и Истог, во периодот од 2010 до 2012 година беше спроведен проект насловен „Диверзифицирани економски активности во регионот Запад, Косово“. Целта на проектот беше развој на туризмот во регионот како дел од напорите за диверзифициран економски развој.
МРФП во конзорциум со Центарот за управување со промени и кризи Партнерс Албанија и локалниот партнер Локална агенција за развој Струга (ЛДА) го спроведе проектот: „Кон алтернативен туризам“. Целта на проектот беше подобрен развој на туризмот во Корча и Поградец од Албанија и Струга, Охрид, Дебарца и Вевчани од Македонија.
Заедно со микрокредитната фондација Хоризонти, здруженијата Кхам и Месечина, МРФП го спроведе проектот „Зголемување на учеството на жените Ромки на пазарот на труд“. Вкупно 331 жени Ромки беа информирани преку инфо сесии за можностите за учество на обуки за технички вештини, обука преку работа и обука за претприемачки вештини и истите беа реализирани до крајот на 2017 г.
МРФП, во конзорциум со консултантските куќи ГСИ Скопје, СИ Скопје и Виртуал-М Куманово, во 2017 г. беше избрана од страна на Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) да спроведува обуки и советувања за претприемништво во рамки на проектот „Поддршка за вработување на млади“, кој го спроведува АВРМ, а е финансиран од Европската Унија во рамките на ИПА компонентата 4 – Оперативна програма за развој на човечки ресурси. Се одржаа вкупно 67 обуки, на кои, 908 учесници, односно 96% од првично планираните, се стекнаа со претприемачки вештини.
Во партнерство со ЛДА Струга, МРФП во 2017г. го спроведе проектот „Пристап на Ромите до (само)вработување“ преку кој повеќе од 140 Роми, Египќани и припадници на другите заедници од Скопје, Охрид, Струга и Кичево, како и од другите општини од скопскиот и југозападниот регион, ги подобрија своите вештини за да се вклучат на пазарот на трудот.
Во 2018 г. МРФП во партнерство со CARE Deutschland-Luxembourg започнаа спроведување на нова програма „Поддршка за развој на земјоделските задруги во Македонија“ чија цел е зголемување на пазарната конкурентност и соработката меѓу земјоделците преку создавање поволни услови за развој на постојните и создавање нови земјоделски задруги. Преку информативни сесии, над 850 земјоделци беа информирани за програмата како и за успешни земјоделски задруги од регионот. Во текот на наредните две години над 50 земјоделски задруги и иницијативи за формирање земјоделски задруги ќе добијат техничка поддршка, а најдобрите ќе добијат и финансиска поддршка за развој на земјоделска задруга.
МРФП како дел од конзорциум со партнери од повеќе земји (Германија, Франција, Бугарија, Унгарија и Македонија) во наредните три години ќе спроведе нова програма, финансирана од програмата Ерасмус+. Целта на програмата е поддршка за развој на бизнисите во креативните и културни индустрии (ККИ сектор), со фокус на „аудио-визуелниот“ сектор и Европското културно наследство, преку создавање иновативни програми за развој на претприемачко образование и потребни вештини за ККИ секторот.
Овие проекти се финансиски подржани и од Европската унија.
Програмата „Поддршка за развој на земјоделските задруги во Македонија“ има за цел зголемување на пазарната конкурентност и соработката меѓу земјоделците преку создавање поволни услови за развој на постојните и создавање нови земјоделски задруги. Во рамки на програмата се спроведени најголемиот дел од активностите кои опфаќаат техничка и финансиска поддршка за земјоделски задруги и иницијативи за формирање на земјоделски задруги. Во делот на техничката поддршка се одржаа 9 обуки за подготовка на бизнис план на кои присуствуваа 195 учесници и 4 обуки за правна помош на кои присуствуваа 87 учесници. Регистрирани се 11 нови земјоделски задруги преку правната поддршка и потпишани се договори за финансиска поддршка со 17 земјоделски задруги од кои 9 се постоечки задруги и 8 новоформирани задруги. Програмата е финансирана од Европската Унија и се спроведува во партнерство со CARE Deutschland -Luxembourg.
Во овој сет активности се и партнерствата и иницијативите за соработка со дијаспората. Една од првите иницијативи (во 2012 г.) беше ко-организирање на „Глобален инвестициски самит за Македонија“ за промоција на можностите за инвестирање и извоз поврзани со македонската дијаспора.