Првата фокус група во рамки на проектот „Зелена младина, зелен раст“ беше одржана на 27 март во Скопје. Учество земаа 33 претставници од 29 граѓански организации од различни области на интерес, а кои се опфатени со зелената агенда.
Настанот беше отворен од Лазар Неданоски, Извршен директор на Македонската развојна фондација за претпријатија како водечка организација на проектот и Ирена Иванова од Делегацијата на Европската унија. Во своите обраќања тие ја истакнаа важноста на поддршката за младинските зелени иницијативи преку соодветни можности за финансирање, како и важноста на потребите на самите организации за напредување на зелената агенда во државата.
Пред почетокот на дискусијата, Димитар Смилјановски од Македонската развојна фондација за претпријатија одржа кратка презентација за проектот преку која учесниците имаа можност да се запознаат со проектните цели, очекувано влијание и можности кои може да ги искористат.
По ова следеше дискусија која се фокусираше на утврдување на потребите на потенцијалните корисници на под-грантовите во рамки на проектот, при што беа нагласени клучни аспекти како градење на капацитети, достапност на ресурси и одржливост.
Неколку организации споделија свои искуства од спроведени проекти во областа на зелената агенда, кои во поголема мера беа насочени кон практично имплементирани активности. Оваа почетна размена на искуства обезбеди вредни сознанија и постави темели за идна соработка, зајакнувајќи го пристапот на проектот кон поддршка на влијателни еколошки иницијативи.
Проектот „Зелена младина, зелен раст“ е финансиран од Европската унија, а спроведуван од Македонската развојна фондација за претпријатија во партнерство со Џуниор Ачивмент Македонија и ЦЕП Можности.