Предраг Ивановиќ ја регистрирал својата фирма за производство на мебел, Сан-Мар, во 2005 година. Претходно, занаетот го усовршувал во други слични фирми. Почнал со сопствени средства, а во првите неколку години стекнатата заработка ја ре-инвестирал во набавка на машини за производство на мебел, а купил и мал камион за доставување на материјали и финални производи. „Во почетокот имав проблем со пробивањето на пазарот и со нелојалната конкуренција”, вели Предраг, „но потоа си го наоѓате своето место. Работам и за физички и за правни лица, најчесто по препорака на претходни клиенти”.
Со кредитот од МРФП, преку НЛБ Тутунска банка, Предраг набавил автоматска машина за кантирање мебел. Тоа го зголемило работниот капацитет на компанијата. Со новата машина значително се намалува времето за финалната доработка на мебелот. Освен тоа, се олеснува работата на работникот затоа што машината е автоматска и бара минимален напор што не било случај со претходната рачна машина за кантирање. Процесот на производство со новата машина е поефикасен и квалитетот на производите е повисок. Ова придонело да се зголеми обемот на производство како и задоволството на самите клиенти од квалитетот на производот. Времетраењето на процесот на изработка и достава на мебелот е значително намален. Сан-Мар во моментов вработува пет работници.
Последната инвестиција изнесува 18.853 евра, од кои 9.000 се од МРФП, 1.000 се кофинансирање од банката, а 8.850 се учество на корисникот на кредитот.
Идните планови на Предраг се насочени кон комплетирање на сопствен погон за целосна обработка на мебел како и откупување на сопствен простор (простор за работилница, салон за мебел). Средства од финансиски институции многу му помогнале во минатото за развој на бизнисот и ќе бидат потребни во иднина.