Десет години Горан Ристов од Долно Црнилиште се занимава со цвеќарство. Главниот мотив му била љубовта кон цвеќињата иако знаењето во почетокот му било ограничено, односно го знаел тоа што го научил кај роднините во Струмица кои се занимавале со цвеќарство. „Почетокот беше тежок се сеќава Горан. „Почнав да продавам на патот во с. Сарамзалино. Цела недела никој не купи ништо. Последниот ден од неделата дојде еден клиент од Штип и откупи голема количина цвеќињата. Ми беше како знак дека ова е вистинската работа“, додава тој.
Потоа Горан започнал да одгледува саксиски цвеќиња. Со првиот кредит купил комбе за доставување на цвеќињата. Дополнително вложил за изградба на оранжерија. Постепено пазарот се ширел па покрај во с. Сарамзалино, Горан почнал да продава и во Велес, во Свети Николе, во Штип и во Градско.
Со заемот од МРФП, преку фондација Хоризонти, Ристов изградил нов пластеник со што уште повеќе го зголемил капацитетот за производство. Сега одгледува околу 18.000 саксии цвеќе годишно.
Горан внимава на квалитетот и го одржува на високо ниво. Тоа е главната причина пореди која има редовни клиенти. Затоа и не се плаши од конкуренција. Во текот на неделата четири дена продава на пазарите во Свети Николе, Велес и во Градско, а три дена посветува на одгледување и обработка на цвеќињата. Скоро 70% од продажбата се одвива на пазар, а останатиот дел е продажба наменета за компании. Во продажбата му помага неговото претходно 15-годишно искуство како трговец.
Но тоа не е се. Плановите за иднина се ново современо возило за дистрибуција на цвеќињата како и зголемување на можностите за продажба. Новиот пластеник ќе се гради на петте декари земјиште што ги поседува семејството. „Последниот период има зголемена побарувачка и се надевам дека ќе остане така и во иднина“, вели Горан. Новите површини веројатно ќе имаат и нови содржини, Горан планира да го надградува своето знаење меѓу другото и преку посета на Холандија.