Земјоделството е традиција во семејството на Дрита Камческа од селото Бела Црква кај Прилеп. „Започнавме со обработка на само два декари земјиште кое беше во наша сопственост и на кое одгледувавме пиперки” се сеќава Дрита, „дел од средствата од продажбата ги вложувавме во проширување на обработливото земјиште и денес моето семејство располага со 100 декари обработливо земјиште од кое половина е во наша сопственост, а другата половина ја најмуваме. Одгледуваме пиперки, кромид, компир и житни култури”, додава таа.
Зголемувањето на трошоците било предизвик за семејството Камчески па фокусот го ставиле на инвестирање во соодветна механизација. Со кредитот од МРФП, преку финансискиот посредник Хоризонти, набавиле машината за копање, садење и вадење на компир, како и прскалка и систем за наводнување капка по капка во должина од 30 км. Тоа им помогнало да го намалат времето за обработка и трошоците за работна сила. „Сега, со машината за еден ден можеме да насадиме 15 декари компир”, вели Дрита, „а претходно, за еден ден можевме да насадиме најмногу три декари и тоа со помош од најмалку седум работници”. Набавката на системот за наводнување капка по капка и прскалката значително го зголемиле квалитетот на производите и ги намалиле трошоците за наводнување кои пред набавката на прскалката изнесувале и до 1.000 евра годишно. „Производството на компир претходните години се движеше помеѓу 60-70 тона, а оваа година очекуваме дека ќе стигне до 150 тона”, додава со ентузијазам Дрита.
Камчески и понатаму ќе вложуваат во земјоделството. Планираат да откупат нови 25 декари кои ги користат моментално под наем и да ја прошират на најмногу 5 декари. За тоа ќе им биде потребна нова модернизација на опремата и набавка на машина за собирање и пакување на компирот во вреќи. Дел од идните планови се поврзани со трговија на земјоделските производи. Во тек е изградба на откупен пункт на кој ќе ги продаваат сопствените но, и тргуваните производи. Со зголемувањето на обемот на работа во иднина постои веројатност за ангажман на надворешни лица.