Рефет Ејупи од гостиварското село Форино веќе седум години успешно се занимава со земјоделство и сточарство. По четиригодишната печалба во Швајцарија и во Германија и неколку годишниот ангажман како таксист, во 2006 година решил да му се посвети на сегашниот бизнис. Иако имал само 4 декари земјиште во сопственост, успеал да изнајми дополнителен простор на кој изградил фарма која денес има 20 говеда. Што се однесува до земјоделството, најмногу одгледува пипер.
Во 2012 година Рефет Ејупи стана корисник на кредитот од МРФП преку финансискиот посредник Можности. Инвестицијата вредна 14.500 евра од кои 4.500 негови сопствени средства беа употребени за набавка на три крави, трактор и преса за сено. „Ова ми овозможи да го зголемам производството на млеко од 90 на 120 литри на ден”, вели Рефет. Освен производството на млеко, Рефет продава и телиња од неговата фарма. Новиот трактор овозможува поефикасна обработка на земјиштето, а пресата овозможува поефикасно складирање на сеното. Со воведувањето на новата механизација се намалиле трошоците за наем на работници и се зголемила ефикасноста па Рефет и неговиот татко можат самите да се грижат за обработката на земјиштето и одгледувањето на говедата.
Она што му создава проблеми на Рефет Ејупи е нередовната наплата и недостатокот на струја на фармата. „Добро би било”, вели тој, „да можам да ја проширам фармата за да го зголемам сточниот фонд, но и тоа ќе биде, сега за сега е дел од плановите за иднина.” Проширувањето ќе оди паралелно со модернизација на фармата, набавка на лактофирзеи за што ќе требаат и нови работници.