Саветка Арсова и Блага Јованова од Неготино го започнуваат нивното бизнис партнерство во 2007 година со основањето на модната конфекција Меџик Фешн. „Претходно работев во друга конфекција“, вели Саветка, „ама работењето во три смени и ниските примања ме мотивираа да размислувам за сопствен бизнис.“
Кога почнале биле вкупно четири жени. „Се сместивме во мојата куќа и имавме на располагање 16м2. Во тој простор освен нас, беа сместени седум машини за различни операции во шиењето. Едвај можевме да се разминеме“, се сеќава Саветка. Но не било само тоа тешко, и наоѓањето клиенти и пробивањето на пазарот не било ништо полесно. „Одлучноста и напорната работа беа нашите фактори за успех“, вели таа.
Постепено почнуваат да работат, пред се со клиенти од Македонија. Побарувачката полека почнала да расте, па вработиле уште неколку лица. „Еден од тешките периоди, по почетокот, ни беше и 2009 година“, вели Арсова. „Заради проблемите со наплатата моравме да отпуштиме една од вработените. Среќа, тој период не траеше многу. Веќе истата година започнавме да соработуваме со клиент од Грција кој има клиенти на европскиот пазар“. Сепак претходно морале да се докажат. По кратко пробно производство, откако клиентот се уверил во квалитетот на нивната работа започнал редовна соработка.
Меџик Фешн денес располага со 18 машини за шиење на кои работат 15 шивачки. Во меѓувреме се преселиле поголем простор за работа и купиле возило за доставување и прием на материјали за работа. Со заемот од МРФП, преку НЛБ Тутунска банка, Меџик Фешн обезбедиле седум машини за шиење.
„Сакаме да изградиме сопствен објект во кој ќе ја сместиме нашата конфекција“, вели Саветка. „Нашите планови се покрај стандардните услуги на доработка да вршиме и нови услуги, односно да развиваме производство за сопствен бренд.“ Она што ги загрижува, кога е во прашање иднината, е заканата од недостаток на обучена работна сила. „Помладите генерации немаат вештини за шиење и неопходна им е обука“, вели Арсова.
Што се однесува до односот со вработените, Саветка вели дека ги гледа како свои соработнички и пријатели со кои заедно оди кон успехот. „Никогаш нема да бидам директор кој само дава наредби“, вели таа, „секогаш ќе работам заедно со нив.“