Милка Блажева заедно со својот сопруг Блаже започнале со производство на селски леб на традиционален начин уште во далечната 1992 година. Идејата за започнување со овој бизнис произлегува од нејзиниот сопруг кој го „испекол“ пекарскиот занает уште од неговите средношколски денови. Дополнително во 2005 година отвориле и маалска пиљара каде што ги продаваат и дел од своите производи.
Во селото Карбинци, Штипско, живее и работи Славчо Данев со своето семејство. Тие активно се занимаваат со земјоделство и сточарство целиот свој живот. Скоро сите должности околу земјата и добитокот Славчо Данев ги врши со својот син и со помош на двајца вработени.
Првите чекори кон она што „Скендер-пром” е денес, започнуваат од далечната 1998 г. По останувањето без работа, таткото на Неат Селим се чини дека ја носи најдобрата одлука. Отвора мала продавница од 12м2 за трговија со стакло и стаклени производи лоцирана во градот Ресен, која претставува почеток на приказната за бизнисот на семејството Селим.
За Петре Танчев, занимавање со хемиско инженерство било логично продолжение на она што со години го студирал на „Технолошко-металуршки“ факултет во Скопје и на Магистерски студии за технолошко инженерство на животната средина. По неколкугодишен работен ангажман во претпријатие за производство на биодизел, Петре во 2015 основа сопствено претпријатие “Еко Мастер Дооел” каде започнува со производство на течноста ‘MacBlue’, која всушност е пандан на познатиот бренд „AdBlue“ (нетоксичен раствор на уреа - вештачко ѓубре кој се користи за хемиски намалување на емисијата на штетни гасови од возила со тешки дизел мотори).
Приказната на Станко Стаменковски претставува една многу интересна сторија и пример за успешен сточар која вреди да се чуе. По 40 години успешна кариера како угостител и бизнисмен, добра материјална состојба и живот во самиот центар на главниот град, Станко и неговата сопруга се одлучуваат да станат сточари.
Ружица Трпкова од Скопје е сопственичка на сметководствено биро кое успешно работи веќе 16 години. Потекнува од претприемничко семејство – нејзиниот татко бил еден од најпознатите претприемачи во Скопје со својата фабрика за пластика. Уште од најрана возраст, своите детски денови ги поминувала во фабриката. Татко ѝ го вклучил целото семејство во работата, па со своите четири браќа го продолжиле семејниот бизнис кој успешно постои и денес.
За Ирена Зафирова занимавањето со изработка на предмети од кожа и крзно настанало сосема случајно, кога по 6 години напорна работа добила отказ од една приватна рекламна компанија. Бидејќи креативната работа и работата со раце отсекогаш ја привлекувале, некако спонтано, интуитивно се одлучила да посетува обука за крзнарство. По една година учење и практична работа, во 2012 година таа отворила сопствен бизнис и ја остварила својата љубов кон создавањето рачни изработки.