За Петре Танчев, занимавање со хемиско инженерство било логично продолжение на она што со години го студирал на „Технолошко-металуршки“ факултет во Скопје и на Магистерски студии за технолошко инженерство на животната средина. По неколкугодишен работен ангажман во претпријатие за производство на биодизел, Петре во 2015 основа сопствено претпријатие “Еко Мастер Дооел” каде започнува со производство на течноста ‘MacBlue’, која всушност е пандан на познатиот бренд „AdBlue“ (нетоксичен раствор на уреа - вештачко ѓубре кој се користи за хемиски намалување на емисијата на штетни гасови од возила со тешки дизел мотори).
Тој постојано ги следи новините во Европската унија за намалување на загадувањето, каде една од мерките е задолжително користење на ваквиот тип адитив за сите тешки моторни возила. За него е многу важно неговиот производ „MacBlue“ да придонесува за намалување на загадувањето одржувајќи го притоа возилото во добра состојба. Затоа неговиот производ е редовно контролиран и акредитиран од РЖ Техничка контрола, Скопје.
Во иднина, тој планира нови вработувања, проширување на соработката со други фирми и воведување на нов производ од истата бранша.
Средствата од кредитот преку финансискиот посредник НЛБ банка, ги искористил за набавка на суровината ‘уреа’ (вештачко ѓубре) за изработка на течноста „MacBlue“. Вели дека е задоволен од нивните услуги и планира да продолжи да соработува со нив во иднина.