„Во земјоделието има добра заработка но, има и доста работа“, вели Марјан Стојанчевски од Скопје. Тој и неговиот брат Перица во 2005 година започнале да се занимаваат со земјоделство. „Татко ми беше трговец, ама ние немавме искуство во трговијата. „Кога почина, не можевме да ја преземеме неговата работа па моравме да бараме друг излез“, раскажува Марјан. Имавме малку знаења за земјоделство, а потоа и вујко ми ни отстапи 10 хектари земјиште во близината на селото Таор и така почна се“, вели тој.
Произведувале компир, пченица и јачмен. „Започнавме со трактор и еден плуг“, се сеќава Марјан. По три години успеале да купат комбајн, а потоа земале под концесија уште 75 хектари земјоделско земјиште.
Пред две години, браќата Стојанчевски решиле да засадат лешници. Ги испитувале можностите надвор од традиционалните култури и увиделе дека увозот на лешници е голем па тоа им изгледало како добра можност. Засадиле 5.650 корени од лешник. „Лешниците ги одгледуваме веќе две години и очекуваме за четири години да обезбедуваат принос од три килограми по стебло. Со средствата од заемот од МРФП, преку штедилница Можности, инвестирано е во четири базени од 30 м3 за наводнување на плантажата со лешници.
„За жал“, вели Марјан, „се соочивме со кражби, не само на засадените стебла туку и на дел од опремата за наводнување.“ Освен тоа, браќата Стојанчевски се пожалија и на долгите административни процедури за обезбедување дозволи. Сепак тоа не ги расколебува во идните планови. Постојано го истражуваат пазарот и бараат нови можности. Во моментот имаат двајца вработени, а сакаат да обработуваат вкупно 150 хектари земјиште и да вработат уште тројца.