Првата награда во категоријата мали претпријатија им припаднаа на Томо Ѓоргиески и Петар Василески, менаџери на компанијата Ламинати Ком од Прилеп во категоријата мали претпријатија, а втората награда му припадна на Дејан Трајчев, менаџер на компанијата Дени Милк од Кочани.
Ељмедин Адеми, менаџер на компанија Скрин Медиа ја добри првата награда во категоријата микро претпријатија, а втората награда ја доби Владимир Јосифовски, менаџер на компанијата Кала Плакат. Министерството за економија, додели специјално признание за најдобра жена претприемач за 2015 г. Признанието ѝ припадна на Анета Мустафоска, управител на компанијата Иси Глас од Скопје.
Критериумите за избор на успешни претприемачи, врз основа на добиените податоци од Централен регистар на Република Македонија, се раст во последните три години по основ на: број на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции. Во 2015 година најуспешните беа избрани помеѓу 48 претприемачи на микро и мали претпријатија, кои препознале можност, преземале ризик да започнат бизнис со сопствен капитал и притоа успеале да ги зголемат приходите од своето работење за над една милијарда денари; инвестирале над 830 милиони денари; вработиле над 390 нови лица и оствариле вкупна добивка од 586 милиони денари. Успешните претприемачи се лоцирани во 24 општини во Република Македонија. Покрај Скопје, каде има 15 претприемачи, пет се од Прилеп, по два од Делчево, Кочани, Куманово, Тетово и Битола и по еден претприемач од останатите општини.
Во двете категории, првонаградените претприемачи добија златни статуетки и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 50.000 денари, а второ наградените добија сребрени статуетки и ваучер наменет за маркетинг активности во износ од 25.000 денари.
Наградата се доделува по 9-ти пат, а целта е да се поттикне претприемачкиот дух во земјата, преку промоција на успешни примери.
Главни организатори на Претприемач на годината 2015 се Сојузот на стопански комори на Македонија, Македонската развојна фондација за претпријатија и Стопанската комора на северозападна Македонија. Ко-организатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење. Организатор и институционален покровител е Министерството за економија на Република Македонија. Спонзор на настанот беше Штедилница Можности.
Томо Ѓоргиески и Петар Василески, Ламинати Ком, I награда во категоријата мали претпријатија
Ламинати ком од Прилеп е приватна компанија за производство, преработка и продажба на технички електро-изолациони композитни материјали и продажба на високонапонска заштитна опрема. Формирани се во 2002 година како трговско претпријатие а веќе од 2005 година започнуваат производство и преработка. Ламинати ком произведува и преработува технички ламинати – термопласти (на база на фенолни и епоксидни смоли, и хартиени, памучни, стаклени и карбонски влакна), полиамиди, полиетилени, полипропилени, полиуретани, полиестри. Нивното производство вклучува и плочи и цевки од лискун.
Дејан Трајчев, Дени милк, II награда во категоријата мали претпријатија
Дени милк од Кочани е мало претпријатие основано во 2007 година за трговија на големо со млечни производи и преработки од млеко. Во 2013 година започнуваат и со производство на композитни производи за замена на сирење и кашкавал произведени од алтернативни суровини. Нивниот сопствен бренд од асортиманот на композитни производи е брендот „Балкан“ кој што за кратко време станува препознатлив на пазарот. Под брендот Балкан произведуваат композитни производи за замена за сирење, Балкан бело, за урда, Балкан лајт, за кашкавал, Балкан тост и за павлака, Балкан крем. Од неодамна развиваат и нов производ за замена за урда со пиперки.
Ељмедин Адеми, Скрин Медиа, I награда во категоријата микро претпријатија
Скрин Медиа е една од водечките компании за надворешно рекламирање во Република Македонија. Основана е во 2008 г. и континуирано се залага за развој на иновациите и задоволството на клиентите. Деталната понуда на производи, стручноста во успешните стратегии за надворешно рекламирање и отворениот пристап, овозможуваат да бидат исполнети специфичните потреби на рекламните агенти, од најмалите, независни претпријатија до големите мултинационални корпорации. Нивните рекламни објекти ги има низ целата територија на Македонија
Владимир Јосифовски, Кала плакат, II награда во категоријата микро претпријатија
Кала Плакат е микро претпријатие основано во 2006 година кое се занимава со надворешно рекламирање. Овозможува рекламирање преку мегалајт, билборд, ситилајт рекламни објекти, во Скопје и ширум Македонија. „Клиентот е на прво место“ е слоганот на Кала плакат и јасно кажува дека сакаат да ги зголемат резултатите кои ги очекуваат нивните клиенти, а притоа да овозможат директен контакт со купувачите. Постојаното ширење на побарувачката, зголемениот број клиенти, обемот на просторно поставување и довербата од многу познати маркетинг агенции и клиенти ги мотивира да остваруваат се подобри резултати.
Анета Мустафоска, Иси глас, признание за најдобра жена претприемач за 2015 г.
Компанијата Иси Глас од Скопје е компанија за градежно-занаетчискии изведбени услуги пред се, за изработка на стаклени фасади, сите видови термопани и услуги за обработка и обликување на секаков вид на стакло. Компанијата безрезервно ги решава работите од градежен аспект и се наоѓа секогаш на услуга на потребите на клиентите.