За прв пат во земјата, беа спроведени анализа и преглед на претприемачките активности, во рамките на најголемото истражување за претприемништво во светот – ГЕМ.
Тоа претставува годишна оценка на претприемништвото на национално ниво. Во 2008 г., во него земаа учество 43 земји од светот. ГЕМ има за цел да ги измери и спореди разликите во степенот на развој на почетните претприемачки активности помеѓу земјите учеснички во истражувањето, да ги детерминира факторите кои го одредуваат степенот на претприемачките активности и да ги идентификува политиките кои може да го зголемат нивото на претприемачките активности.
Во 2009 година беше изработен и промовиран извештај од истражувањето, под наслов „Претприемништво во Македонија“.
Главни наоди во ГЕМ – „Претприемништвото во Македонија“
Истражувањето покажа дека во Македонија, генерално, постојат позитивни перцепции за претприемништвото. 80% сметаат дека претприемништвото е добар избор за кариера и 66% дека медиумите му придаваат соодветно внимание на претприемништвото. Единствено 35% од испитаниците сметаат дека стравот од неуспех би ги спречил да започнат бизнис, а 40% би започнале во следните 3 години.
Македонија има највисока претприемничка активност од земјите во Европа во кои е правено истражувањето ГЕМ, мерено преку клучниот индекс ТЕА (Претприемачка активност во рана фаза). Индексот ТЕА за Македонија изнесува 14,5%. Тој означува дека 14.5% од испитаниците на возраст 18-64 години се претприемачи. Притоа, половина од нив се претприемачи во зачеток (имаат деловни активности до 3 месеци), а половина се нови (имаат деловни активности до 3,5 години). За половина од претприемачите во Македонија претприемништвото е нужност, додека за другата половина претставува можност.
Во Македонија е поверојатно да се биде претприемач доколку некој е маж, на возраст од 25 до 34 години, со повисоко ниво на образование и повисоко ниво на приходи. Иако ова се карактеристики и во глобални рамки, сепак вреди да се спомене дека јазот меѓу мажите и жените во Македонија е нешто поголем од нивото на земјите од регионот. Од друга страна, најмладата популација (18-24 години) има значително повисока склоност кон претприемништво од земјите во регионот.
Во поглед на најчести причини за престанок со бизнис се наведуваат непрофитабилноста на бизнисот и проблемите со финансирањето. Најчести неформални инвеститори на претприемачите се блиски членови на семејството, а најчести извори на формално финансирање се кредити од банки.