Интернет страница:
www.gem-macedonia.org.mk
Глобалното истражување на претприемништво - ГЕМ (Global Entrepreneurship Monitor) е најголемо истражување за претприемништво во светот, кое во 2013 година опфати 70 земји, над 197.000 испитаници и приближно 3.800 експерти. ГЕМ претставува годишна оценка на претприемништвото на национално ниво. Македонската развојна фондација за претпријатија заедно со Центарот за развој на нови бизниси (БСЦ) при Машинскиот факултет го сочинуваат националниот тим на ГЕМ во Македонија. Во 2013 г. истражувањето опфати телефонска анкета на 2.000 испитаници на возраст од 18 до 64 години за нивните перцепции, ставови за претприемништвото, нивната претприемничка активност и аспирации. Во истражувањето беа анкетирани и 37 домашни експерти кои придонесоа за анализа на опкружувањето за поддршка на претприемништвото.
Во 2014 година беше изработен и промовиран извештај од истражувањето, под наслов „Претприемништвото во Македонија 2013“
ГЕМ во 2012 година опфати 69 земји и над 198.000 испитаници. Во Македонија, истражувањето се спроведува по трет пат. За него беше направена телефонска анкета со 2.003 испитаници и анкета со 38 експерти од различни области со важност за претприемништвото. Анкетата ја спроведе истражувачката агенција Брима од Скопје.
Во 2013 година беше изработен и промовиран извештај од истражувањето, под наслов „Претприемништво во Македонија 2012“.
За прв пат во земјата, беа спроведени анализа и преглед на претприемачките активности, во рамките на најголемото истражување за претприемништво во светот – ГЕМ.
Тоа претставува годишна оценка на претприемништвото на национално ниво. Во 2008 г., во него земаа учество 43 земји од светот. ГЕМ има за цел да ги измери и спореди разликите во степенот на развој на почетните претприемачки активности помеѓу земјите учеснички во истражувањето, да ги детерминира факторите кои го одредуваат степенот на претприемачките активности и да ги идентификува политиките кои може да го зголемат нивото на претприемачките активности.
Во 2009 година беше изработен и промовиран извештај од истражувањето, под наслов „Претприемништво во Македонија“.