Финансирањето на микро и малите претпријатија во Македонија сеуште претставува еден од клучните фактори кои го лимитираат нивниот развој. Македонија заостанува зад земјите од регионот, посебно тие кои целат кон скорешна интеграција во Европската унија (ЕУ) и во поглед на обемот на финансирањето и во поглед на широчината на инструментите за финансирање.
Еден од поважните елементи на овој проблем претставува капацитетот на персоналот во финансиските институции. Капацитетот сеуште не одговара целосно на потребите за кредитно опслужување на микро и малите претпријатија. Сегментот ММП е релативно нов и перцепиран како високоризичен. Проценката на вистинскиот ризик, како и спремноста за изложување и управување со него бара специфични вештини. Нив оригинерно ги нема во македонските финансиски институции. Конкуренцијата помеѓу финансиските институции сеуште не е толку изострена за да можат овие вештини побрзо да се развиваат. Следствено, темпото на иновации (нови продукти) наменети за овој сегмент не е на задоволително ниво.
Целта на проектот беше запознавање со искуствата, а посебно новините на хрватскиот банкарски сектор во поддршката на микро и малите претпријатија. За да се реализира тоа, како директен резултат на проектот беа одржани состаноци со повеќе релевантни хрватски финансиски институции. Секој ФП на МРФП учествуваше со по 2 претставници на средното раководство, како и 2 претставници на МРФП.
Целната група беа земјоделци и претприемачи како потенцијални корисници на кредитни продукти од страна на финансиските посредници на МРФП. Директни корисници на проектот беа претставници на средните раководства на финансиските посредници на МРФП.
Локацијата на активноста беше Република Хрватска.
Целокупното спроведување на проектот беше одговорност на МРФП. Во проектот беа вклучени и банки и организации од Македонија: Тутунска банка, ИК банка и Штедилница Можности, и од Хрватска: Привредна банка Загреб, ХВБ Сплитска банка, Ерсте банка, Кроација банка, Раифајзен, Хипо-Алпе-Адриа банка и Хрватско здружение на банки.
Активности: Беа посетени 4 хрватски банки и едно здружение на банки, а дополнително беше организирана и демонстрација на системот за кредитирање во филијала во Загреб на Раифајзен банката. Во Раифајзен, Ерсте и Хипо-Алпе-Адриа беа организирани и посети на фронталните служби.
Резултати: одржани се средби со хрватски финансиски институции.
- 80% од учесниците изјавиле дека посетата придонела многу, а останатиот дел дека придонела средно да се здобијат со повеќе информации за хрватските банки.
- 40% изјавиле дека информациите од посетата многу придонесува за воведување новини во матичните институции, а 60% дека средно придонесува.
Заклучокот беше дека посетата ја исполни целта.
Проектот беше реализиран во периодот април – јуни 2006 г., а посетата во периодот 24-28 мај 2006 г.
Буџетот на проектот изнесуваше 326,085 МКД, од кои 256,545 МКД се учество на МРФП, додека остатокот беше партиципација на ФП.