Земјоделието е семејниот бизнис на Павлина Ристевска од с. Добромири, Битола и нејзиното семејство. На осум хектари тие воглавно одгледуваат пченица, јачмен и пченка, а на површина од шест декари имаат засадено ориентален тутун, од кој пак, доаѓа и најголемиот приход. Павлина вели дека иако на почетокот имале проблеми во работата, со тек на време и со нивно големо ангажирање успеале да ги надминат.
Покрај полјоделството, тие одгледуваат и стока, а дел од производството на житните култури се користи како сточна храна. Ристевски имаат 20 овци и три прасиња. Волната и сирењето произведени од овците ги пласираат на пазарите во Македонија.
Заемот од МРФП преку фондацијата Хоризонти, во износ од околу 4.000 евра, во најголем дел е искористен за изградба на нова штала. „Гром удри во шталата, се запали и речиси целата изгоре“, вели Павлина. „Новиот објект е малку поголем, а со останатите средства обезбедивме репроматеријали и нова косачка.“ Опожарувањето на шталата не е единствениот проблем за Ристевски. Во почетокот на 2015 година тие се соочиле со поплава чии последици уште ги чувствуваат. „Проблем претставува и наплатата на побарувањата“, вели Павлина, „ни се случувало за наплата да прифаќаме стоки наместо парични средства, што дополнително ја отежнува работата.“
Сепак, Ристевски не се откажуваат од нивниот бизнис. Тие планираат уште да инвестираат во него. На постојниот машински парк што го сочинуваат плугови, косачка и машини за нижење и берење, во иднина сакаат да додадат и нова балирачка и сеачка за жито. Тие се надеваат дека постојаното вложување ќе за осигури егзистенцијата на семејството и ќе им обезбеди подобар живот.