Лилјана и Љупчо Стефковски од Скопје пливаат во претприемачките води веќе 13 години. Преку нивната компанија ПИВ-ЕЛ, тие се занимаваат со површинска заштита на алуминиумот од корозија. Љупчо има 35 годишно искуство во обработувањето метали кое го стекнал во фабриката „Алумина“. „Необработените алуминиумски профили поминуваат низ процес на дополнителна оксидација при што ја зголемуваме дебелината на заштитниот слој од 12 до до 30 микрони“, раскажува Љупчо. „Во тој процес, површинскиот слој на алуминиумот се претвора во стаклено-кристапна превлака, а бојата се движи од природната боја на алуминиумот до бронзени нијанси и црна боја“, вели тој.
Долгогодишното искуство во оваа област му овозможило на Љупчо и да иновира во процесот на работа. Воспоставувањето кран, како и помошните машини во работилницата се негов изум. Набавката на кранот всушност е и намената на заемот од МРФП преку фондацијата Хоризонти во износ од околу 6,3 илјади евра, од кои, речиси 1,5 илјади се сопствено учество на Стефковски.
„Нашите клентите доаѓаат од градежната индустрија, па затоа, кога планираме мораме да ги имаме предвид економските движења во овој сектор. Покрај тоа, се занимаваме и со обработка на лим за фасади“, вели Стефковски и додава дека за жал, со текот на годините, побарувачката за оваа услуга опаѓа. Главни конкуренти во овој домен им се производителите на PVC профили. Предизвици се и наплатата на побарувањата и пристапот до финансии.
Но ваквите предизвици не се причина да не се гледа малку подалеку во иднината. „Планираме да го прошириме капацитетот“, вели Љупчо, „да изградиме дополнителен простор со опрема која ќе вклучи дејонизатор за боење на алуминиум. Сегашните пресметки покажуваат дека ќе ни бидат потребни околу 30.000 евра, но, од друга страна, тоа ќе ни овозможи сегашните две работни места да ги зголемиме за нови 20 вработувања“, раскажува оптимистички тој.