Бизнисот на Мартин Митов од Скопје веќе 16 години е поврзан со автомобилите. Сегашниот автосервис кој вклучува лимарско-фарбарски услуги, поправка на возила, продажба на половни возила, како и откуп на хаварисани возила поради нивните автоделови е продолжение на автопералната со која почнал уште во 2000 година.
„Компанијата работи со добивка, и покрај падот на цената на металите на светските берзи“, вели Мартин и додава дека тоа е благодарение на диверзифицираната понуда на услуги. Зборувајќи за предизвиците за неговата компанија „Ице Маце пром“, како и за другите претприемачи, Митов вели дека тоа пред се е пристапот до поволни кредити. Што се однесува пак до задоволството на клиентите, Мартин Митов вели дека за нив, доказ дека добро си ја завршуваат работата, е фактот што нивните клиенти ги препорачуваат кај своите пријатели и роднини. На тој начин, за сега, го прошируваат кругот на клиенти.
Компанијата на Митов е корисник на заем од МРФП преку фондацијата Хоризонти во износ од речиси 5.000 евра. Средствата од заемот се употребени за реновирање на постојниот објект и набавка на половна дигалка.
Мартин Митов планира и понатаму да вложува во својот бизнис и да го проширува. „Следниот потфат“, вели тој, „е изградба на комора за фарбање која ќе биде опремена според светските стандарди и ќе има соодветен систем за вентилација и греење“. Според него, инвестицијата би била околу 15.000 евра, средства кои ќе треба да се обезбедат преку нов заем. „Затоа“, вели Митов, „пристапот до поволни кредити е многу важен, не само за нас, за сите кои сакаат да развиваат свој бизнис“.
На прашањето за задоволството на клиентите од услугите кои ги обезбедуваат, ни беше одговорено дека фактот што истите ги препорачуваат кај своите пријатели и роднини, доволно говори за нивниот квалитет и посветеност кон клиентите.