Одгледувањето овци е основната егзистенција за Јусуф Амедов од с. Лозово. Имал 15 години кога почнал поинтензивно да се занимава со овчарството. „Почнав со 60 овци, се задолжив за да ги купам“, вели Амедов.
„Добро тргна работата па подоцна можев постепено и да го зголемувам сточниот фонд и да вршам модернизација на трлата. Условите во кои започнав беа прилично примитивни“, вели Амедов. Трлото го изградил самиот, од трски. „Како се зголемуваше стадото, така растеше потребата за посоодветни, помодерни услови за чување на овците“, вели тој.
Вториот кредит од 3.500 евра Амедов го земал за да изгради ново трло. Проблем му била местоположбата на објектите затоа што биле во близина на главниот пат. „Ризикот за безбедноста на овците беше голем, пред неколку години изгубив 50 овци во сообраќајна незгода“, вели тој. Тоа го поттикнало да ја забрза изградбата на новиот објект.
Со заем од МРФП преку штедилницата „Можности“ Амедов обезбедил нови средства за изградба на објект подалеку од главниот пат во с. Лозово. Со тоа го заштитил добитокот, а воедно добил и нов простор за паша на овците.
Денес располага со 270 овци, а има и 60 кози. Има три објекти каде што го чува добитокот од вкупно 44м2. Јусуф вели дека е задоволен од приносот и од продажбата на млекото. Редовните приходи ги обезбедува од млекото кое го добива од овците и козите во текот на 11 месеци во годината. Соработува со повеќе млекари, а продава и јагниња. „Годишно продавам од 15 до 20 тони млеко“, вели Амедов. „Сакам да изградам нов објект на мое земјиште. Тоа ќе ми овозможи да го зголемам сточниот фонд и да остварам дополнителна заработка“, раскажува Јусуф Амедов.