Никола Миланов од Кочани и неговиот брат уште од мали биле воведени во угостителскиот бизнис. „Татко ми во 1995 имаше мал ресторан наречен „Маалско кафанче“ за кој се грижеше сам, а ни е се врткавме тука и помагавме колку што можеме“, раскажува Никола. Освен ова, имале искуство и од други ресторани во Кочани каде работеле како келнери.
Двајцата браќа професионално почнале да се занимаваат со угостителство во 2004 година кога ја основале фирмата „Паце ТП“. Ресторанот „Паце“ го отвориле во приземјето на нивната семејна куќа, во населбата „Текешински лозја“ која во тој период се уште не била развиена. Тоа бил мал ресторан со капацитет од 25 седишта. „Првите гости ни беа пријателите и познаниците, потоа кругот се прошири со луѓето што ги имавме запознато кога работевме во другите ресторани.“ Новопечените бизнисмени решиле остварената заработка да ја реинвестирале за да ги прошират капацитетите. Покрај тоа, тие решиле да ја зголемат и понудата со нови специјалитети што клиентите можеле да направат разлика меѓу нив и нивните конкуренти.
Денес „Паце“ во менито, покрај другото, нуди морска храна како и сортни вина што добро се одразило кај клиентите од бизнисот. Ресторанот е проширен и капацитетот изнесува 100 седишта. Почетните 100 м2 пораснале на 270 м2.
Со средствата од заемот од МРФП преку НЛБ Тутунска банка, Миланови инвестираат во модернизација на летната тераса со што ќе обезбедат дополнителен капацитет за нови гости. „Со дел од средствата направивме нови тоалети и работни површини во ресторанот“, вели Никола и додава дека ресторанот го води со љубов и се вклучува во сите процеси на работата со задоволство. Што се однесува до плановите за иднина, тие се насочени кон дополнително проширување на летната тераса и кон откуп на нов простор со поголеми капацитети.