Дизајнот и печатењето се опсесија за Ѓорги Коцев и со нив се занимава веќе 21 година. Иако почнал да ги практикува во 1992 година, сопствената компанија Мотив плус ја основал во 2007 година. „Започнавме во приземјето на една куќа во населбата Дузла“, се сеќава Ѓорги, „во прилично примитивни услови и со основна опрема. Дизајнот го правевме сами, но за печатењето понекогаш користевме услуги од други компании кои имаа подобри машини“.
Ваквиот начин на работа не ги поколебал младите ентузијасти и тие постепено, благодарение на својот талент и упорност, секојдневно ја надградувале базата на клиенти и во земјата и во странство, а со тоа, ги надградувале и своите капацитети. Почнале со еден, а денес имаат осуммина вработени.
Мотив плус можат да се пофалат со широка палета на производи и услуги. Покрај графичкиот дизајн и маркетингот тие прават и дигитално печатење во боја и сечење на ПВЦ фолија, сито печатење и сечење по форма, светлосни реклами, билборди, маркетинг реквизити, картонажа, брендирање на излози, ѕидови и возила, печатење маици итн. а од услуги нудат. Благодарение на квалитетната услуга побарувачката постојано расте.
Средствата од заемот од МРФП, преку НЛБ Тутунска банка, Мотив плус ги искористиле за набавка на опрема за печатење. Новата дигитална машина печати фолии и банери. На тој начин се зголемува квалитетот на производите, а со тоа и побарувачката. Заради новите машини, Мотив плус се преселиле во нови, двојно поголеми простории, на нова локација. Тоа им овозможило да брендирањето на возила, една од услугите што ја права, да ја вршат во внатрешниот дел на просториите.
Растот и развојот на компанијата е повеќе од видлив. „Во моментов, проблем ни се ниските цени“, вели Ѓорги, „ама тоа нема да не спречи и понатаму да инвестираме во овој бизнис“. Во Мотив плус планираат да купат уште две дигитални машини за печатење и да се преселат во нов, сопствен простор кој е во подготовка. Очекуваат дека новите инвестиции ќе овозможат и нови вработувања.
Денес Мотив плус е комплетен графички центар кој нуди модерен дизајн и производство и кој поставува високи критериуми на пазарот.