Весна Стефаноска од Скопје веќе 13 години успешно се бори со пазарните ветришта во текстилната индустрија. Мотивот да го напушти работното место била желбата за почнување свој бизнис и остварување подобра заработувачка. Така е создадена „Моден кројач Весна“.
Весна започнала со една машина и освен шиење на клиентите им нудела и поправка на облеката. На почетокот имала проблеми со локацијата и недостатокот на сопствено возило за доставување на материјалите и облеката на подолги релации. Квалитетот на работата за неа бил приоритет, тоа и помогнало да изгради кредибилитет кај клиентите кои постојано се зголемувале.
Покрај индивидуалните клиенти, пред неколку години започнала да соработува со Групацијата Inditex (Massimo Dutti, Zara, Bershka, Stradivarius, Pull & Bear). Благодарение на квалитетните изработки таа соработката со оваа групација станала редовна. Обемот на работа значително се зголемил во последниот период но, Стефаноска успева да одговори на побарувачката. Сепак, доколку таа остане на исто ниво, во иднина планира да вработи уште некој што ќе и помага.
„Започнав со една машина за шиење, а сега имам седум на располагање“, раскажува задоволно Весна. „Две од машините се индустриски, специјализирани за поинакви материјали и порабување со невидлив штеп“, додава таа.
Со заемот од линијата на МРФП обезбеден преку Хоризонти, таа набавила транспортно возило со кое се олеснува доставувањето на материјалите и готовите производи. Пред извесно време, Весна го интензивирала промовирањето на компанија преку веб страната http://set2explore.com/mk/fair/7687/about. „Секогаш ја имав поддршката на сопругот“, вели Стефаноска. „Негова грижа се административните работи и сметководството, а помага и во доставувањето на производите.“ Сопружниците Стефаноски се надеваат дека и нивната ќерка ќе им се придружи во семејниот бизнис кога за тоа ќе дојде време.