Сопствениците на С&М ДООЕЛ, сопружниците Маневски водени од желбата за вработување завршиле во сосема различни води од оние за кои се подготвувале во текот на студиите. Зоран и неговата сопруга кои дипломирале на Машинскиот односно на Природно-математичкиот факултет во 1994 година решиле да се пробаат во угостителството. Локацијата за новиот бизнис била во „адвокатска уличка“ во Скопје каде Зоран поседувал гаража. Наместо да ја изнајмат тие решиле сами да го користат просторот и во него да отворат пекара.
Во почетокот тоа повеќе било сендвичарница во која се нуделе ладни сендвичи, но со текот на работењето се повеќе се ориентирале кон пекарски производи и слатки.
„Сега се соочуваме со зголемена побарувачка“, задоволно раскажува Зоран, „убедени сме дека причината за тоа е квалитетот на нашите производи на кој обрнуваме големо внимание“. Покрај продажбата во пекарницата, С&М ги доставуваат производите и до компаниите и институциите. Друга конкурентска предност им е користењето високо квалитетни и повеќе сортни брашна. Нивниот најпознат производ се мекиците кои се барани од сите околни компании. „Нашиот успех се должи на љубовта и посветеноста кон работата“, вели Зоран.
Кон крајот на 2013 година Маневски решиле да инвестираат во терасата на пекарницата. Таа е проширена, покриена и модернизирана и сега може да прими поголем број гости. Вкупната инвестиција изнесува 5.800 евра, средства обезбедени како кредит преку Можности од кредитната линија на МРФП.
Плановите на Маневски се да ја прошират и кујната кога би имало можност и за нови вработувања. Во моментов тие имаат осум вработени. Во иднина планираат дополнително вработување во фурната каде што се планира и проширување. Со тоа ќе се создадат услови и за воведување дополнителна услуга за продажба на сендвичи и друга храна со месо.