Драги Паневски целиот свој работен век го поминал во градежништвото. Неговото претпријатие, „Паневски - градба“ се занимава со трговија со градежни материјали, а во иднина планира да го прошири бизнисот и со изведба на градежни работи.
„Задоволни сме што кругот на нашите клиенти се шири и надвор од општината Илинден“, вели Драги. На „Паневски - градба“ во 2008 година им бил одобрен кредит од 10.000 евра од кредитната линија на МРФП, преку Штедилницата „Можности“. Кредитот бил инвестиран во репроматеријали, со што се збогатил асортиманот на градежни материјали за продажба. Исто така, проширен е и објектот, а бројот на вработени од 2, се зголемил на 4. Во овој период актуелен е увозот на австриските висококвалитетни ќерамиди „Bramac“, чијашто достава ја изведува со сопствен превоз.
Идните планови за проширување на објектот, а со тоа и обезбедување услови за нови градежни материјали, планира да ги реализира со помош на нов кредит, бидејќи е презадоволен од досегашната соработка. „Светската криза влијае врз работата, но сепак тие што сакаат да работат, одат
напред“, вели тој.
Што се однесува до конкуренцијата, смета дека колку повеќе ја има, толку повеќе се зголемува квалитетот на понудата и работата.