Од својата четврта година Тамара Кртолица е во балетските води. На 18, веќе имала сопствен бизнис, на новите генерации балерини и балетани им давала часови по балет. На 24, таа одлучила да го прошири бизнисот и отворила продавница за балетска опрема, единствена од таков вид во Скопје.
„Дел од опремата ја набавувам во странство, додека дел ја изработувам самата користејќи го сопственото искуство со тој тип на опрема“, вели Тамара. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 3.500 евра, од кои 1.750 се кредит обезбеден од МРФП преку Тутунска банка.
На крајот од првата година, остварила профит и тоа ја мотивирало да остане во Македонија и понатаму да го споделува своето искуство со младите надежи во балетот. Продавницата нема за цел само генерирање профит. „Мојата намера беше да го поддржам балетот во Македонија со тоа што ќе понудам производи кои им се потребни на постојните и идни балетани кои потешко се наоѓаат кај нас“, вели таа.Тамара е амбициозна личност со јасна визија за иднината, И покрај тоа што е релативно млада, таа веќе има стекнато значително искуство во оваа професија што и го олеснува водењето на бизнисот. Сигурна во себе и своите способности, Тамара ги познава приликите во своето поле и оптимистички гледа на иднината.