На крајот од охридското село Лакочереј се издига новиот производствен погон на семејниот бизнис на Цане Сотироски, ИКО 2007. „Произведуваме главно приклучна опрема за земјоделска механизација, како тракторски приколки за транспорт на јаболка, косачки за трева, плугови и сл.“ – го започна разговорот Цане. „Вчера испорачавме цел камион опрема за клиенти од Ресен“, се пофали тој. Во ИКО 2007 работат и на градба на објекти од метални конструкции, репарираат градежна механизација, произведуваат метални огради за тераси.
„Не е бизнис тој што се потпира само на еден производ. Мораме да се прилагодуваме“ – вели Цане. „Еве, скоро започнав да произведувам помали косачки за трева, кои можат да влезат низ јаболкови насади. Клиентите се многу задоволни и од дизајнот и од перформансите на производот. Им го нудам тоа за конкурентна цена. Добриот збор се шири од еден на друг клиент. Скоро да нема произведувач на јаболка од Преспа до Струга и Дебар кој не знае за мене“ – задоволно објаснуваше Цане.
Со кредитот од МРФП, преку охридската експозитура на НЛБ Тутунска банка, во ИКО 2007 подигнале нов производствен објект. „Бизнисот го шириме постепено“, вели Цане. „Сега ќе приспособиме и канцелариски дел за прием на клиенти и посетители. Просторов ни е блиску до семејната куќа и можеби и затоа си го чувствуваме како дом“, додава задоволно.