Семејниот бизнис со млечни производи Гордана Трајановска го започнала пред 12 години, во 2000 година. Вемарс ДООЕЛ е сместен во с.Побожје, Чучер Сандево, и произведува јогурт и кисело млеко. Приказната за семејниот бизнис ја раскажа Саве Трајановски, синот на Гордана. Бизнисот го почнале со сопствен капитал и објект, инвестирале во опрема, комори, лабораторија и возило кое го користат за дистрибуција и откуп на млеко.
„Претпријатието има позитивни финансиски резултати, дури и за време на светската криза“, раскажува задоволно Трајановски. „Бизнисот го прошируваме постојано“, вели тој, „така и кредитот го искористивме за набавка на машина – протечен пастер со што го зголемивме производството 400-500 литри на 800 литри, а капацитетот е до 2.000 литри“, вели Саве Трајановски. Ова овозможило две нови вработувања и пораст на продажбата во 2011 година за 20%. Освен тоа, подобрен е квалитетот на производите, а воведени се и стандардите ХАСАП во производството.
Според Трајановски, успехот на нивниот бизнис се должи на квалитетот и ниските цени. Во претходниот период тие направиле и ребрендирање на производите кои сега се продаваат под марката „Happy milk“ што сметаат ќе им овозможи поголема препознатливост кај потрошувачите. Она што им недостасува е основната суровина, млекото. И покрај тоа, тие имаат планови за идниот период. За да го прошират бизнисот, планираат да набават машина за затворање чашки за јогурт. Тоа ќе биде нова инвестиција во Вемарс. Сегашната изнесува 5.850 евра, обезбедени дел од сопствени средства,а дел од кредитната линија на МРФП преку Хоризонти.