Инженерскиот предизвик го водел Зоран Христов во реализирање на идејата за изградба на фотоволтаична централа. Иако ангажиран во компанија за развој на ИТ решенија тој се интересирал за обновливите извори на енергија и сакал да го употреби своето знаење за тоа. Воден од тој интерес, Христов се испробал во проектирање на четири фотоволтаични централи, пред да започне да работи на својата.
„Мал е бројот на експерти за проектирање на фотоволтаични централи во Македонија”, вели Христов, „но, условите за добивање на лиценца за производство на струја преку фотоволтаични модули дополнително ме стимулираа да ги направам сите потребни работи за да ја воспоставам мојата фотоволтаична централа.”
Целата постапка, од идеја до реализација траела две години. Заемот од МРФП, преку финанскискиот посредник Тутунска банка, му овозможил на Христов да ја набави потребната опрема, односно 206 фотоволтаични панели и додатна опрема за реализација на фотоволтаична централа. На тој начин, Зоран Христов станал лиценциран производител на електрична енергија и склучил договор со Македонскиот електропреносен систем оператор МЕПСО на 15 години за откупување на струјата. Во согласност со критериумите, изградената централа е на граница помеѓу мала и средна фотоволтаична централа.
„Во Македонија, просечно, има 260 сончеви денови. Тоа ми овозможува производство од 80 мегават/часови на годишно ниво и одлична заработка”, вели Христов и додава дека инвестицијата е скапа но, долгорочно е исплатлива. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 110.580 евра од кои 63.000 се од МРФП, 7.000 евра се кофинансирање од банката, а 40.580 евра се придонес на корисникот Христов.
Тој и понатаму проектира фотоволтаични централи за други клиенти. Што се однесува до плановите за иднина, Христов има идеја за проектирање на мали фотоволтаични централи за приватни потреби како и започнување на производство на фотоволтаични панели.