Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) оваа година слави 10 години од своето постоење. Овој прв голем јубилеј, МРФП го одбележува со импозантни податоци за постигнувањата и во финансиските и во нефинансиските услуги, 25.11.2008.
МРФП, од основањето до денес, исплати кредити во вкупен износ од 1.411.533.682 МКД (23,07 милиони евра) кон 5.509 индивидуални земјоделци, микро и мали претпријатија. Исплатата се реализираше преку акредитирани финансиски посредници: НЛБ Тутунска банка (1998-2008), Штедилница Можности (1998-2008), Радобанк (1998-2003) и ИК банка (2003-2008) кои на вкупниот износ на средства за кредити повлечени од МРФП, дополнително вклучија уште 5,65 милиони евра. Со овие кредити поддржани се 9.506 работни места и нови 1.960, како резултат на нови инвестиции.
Покрај финансиските, МРФП поддржа и нефинансиски услуги.
Во десетгодишната работа беа реализирани 86 проекти, дефинирани во разни програми и активности: преку градење на капацитетите на акредитираните финансиски посредници, на нефинансиски посредници, на здруженија на земјоделци и претприемачи, до самите претприемачи, застапување и лобирање и информации и размена. Со овие проекти опфатени се 13,873 корисници. Со примена на овој пристап, МРФП го следи еден од десетте принципи за развој на пазарот – јасно раздвојувајќи ја улогата на обезбедувач и фацилитатор.
Остварувањето на својата визија - намалување на сиромаштијата и невработеноста и воспоставување на социјалната кохезија, МРФП и натаму ќе го прави преку поддршка на развојот на малите претпријатија, што е и нејзина мисија. Малите претпријатија се важни за економијата и општеството, бидејќи ги намалуваат големите разлики во благосостојбата и ја обезбедуваат потребната флексибилност преку нивната брзина и иновативност. Фокусот на МРФП во развојот на малите претпријатија е базиран врз два столба: пристапот до финансии и промоција на претприемништвото.
Релевантноста на ова е позитивно оценето и потврдено со оценката на МРФП и глобалните искуства.