„Типичниот претприемач во Македонија е маж, на возраст од 18 до 34 години кој е подеднакво мотивиран за отворање бизнис поради потреба но и поради идентификација на можности“. Ова е профил на типичниот претприемач во земјата според резултатите од најголемото истражување за претприемништвото во светот - Глобален монитор на претприемништво (ГЕМ).
ГЕМ во 2008 година се спроведе во 43 земји во светот, додека во Република Mакедонија истражувањето беше спроведено од Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Центарот за развој на нови бизниси (БСЦ), како дел од Националниот тим за ГЕМ Македонија.
ГЕМ има за цел да ги измери и спореди разликите во степенот на развој на почетните претприемачки активности помеѓу земјите, да ги открие факторите кои го одредуваат степенот на претприемачки активности и да ги идентификува политиките кои може да го зголемат нивото на претприемачките активности. Во рамките на истражувањето во Македонија, беа спроведени анкети на 2,000 испитаници.
Истовремено, 40 домашни експерти од различни области обезбедија оценка на претприемачките активности во земјата, преку учество во анкета.
Наодите покажуваат дека процентот на претприемнички активности во рана фаза во Македонија изнесува 14.5%. што е над светскиот просек за 2008 година кој изнесува 10.2%. Истовремено, Република Македонија е водечка земја во ГЕМ во однос на аспирации за започнување бизнис во следните 3 години. Сепак, секој втор нов претприемач ја наведува „потребата“ или „одржување на примањата“ како причина за започнување бизнис.
Во 2009 ќе биде објавен Националниот извештај за ГЕМ Македонија во која ќе бидат презентирани резултатите за состојбата со претприемништвото во земјата.