Македонските банкари беа задоволни од можноста да слушнат нови информации, идеи и да остварат контакти за потенцијални деловни потфати со врвни финансиски институции.
Претставници на врвните раководства на ИК банка, Тутунска банка, Штедилница Можности и Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР) ги посетија водечките холандски финансиски институции АБН АМРО, ИНГ, Рабобанк, Триодос, како и државната развојна банка ФМО, Гарантниот фонд при холандското Министерство за економски прашања и Здружението на холандски банки. Целта на посетата беше запознавање со искуствата на холандскиот финансиски сектор во поддршката на развојот.
Во рамките на посетата опфатени беа повеќе теми зависно од специфичноста на секоја институција. Во ИНГ се одржаа два состаноци, на кои се разговараше за стратегијата на банката и посебно кредитирањето на МСП клиенти. Во Триодос се разговараше за концептот на одржливо банкарство и конкурентската предност што на таа основа ја остварува Триодос, вклучително и посебно формираниот Меѓународен фонд (за микрофинансирање). Во Рабобанк беше презентиран нивниот специфичен статус на кооперативна банка (врз основа на членство, а не акционерство). Беа разменети информации и за плановите на ФМО за инвестирање во регионот, вклучително и во Македонија, како и глобалната стратегија на АБН АМРО и механизмите на државниот Гарантен фонд кој функционира во рамките на Министерството за економски прашања. На крајот беа споделени и искуствата од Здружението на холандски банки.
Освен претходните средби, остварени беа контакти и со централната банка на Холандија, Министерството за надворешни работи и владината агенција ЕВД, како и со амбасадорката на Република Македонија во Кралството Холандија, г-ѓа Добринка Тасковска.
Македонските банкари високо ја оценија посетата, задоволни од можноста за нови информации, идеи, контакти и потенцијални деловни потфати со врвни финансиски институции.
Посетата се реализира во периодот 8 - 12 февруари 2006 г. во ко-организација на МРФП и холандското јавно-приватно партнерство NFX – Холандска мрежа за развој на финансискиот сектор (Netherlands Financial Sector Development Exchange). Средбите се одржуваа на разни локации во Амстердам, Утрехт, Хаг и Зајст.