Заврши првиот циклус обуки за претприемништво. На 120 учесници им беа доделени сертификати. Преку седум обуки за претприемачки вештини беа опфатени 120 млади претприемачи. Обуките треба да влијаат на формирањето здрав претприемачки дух.
Преку нив младите претприемачи стекнаа знаење со кое ќе бидат во можност да започнат и одржат сопствен бизнис. На овој начин Македонската развојна фондација за претпријатија даде придонес кон развојот на претприемачките вештини на младите, на микро и малите (ММ) претприемачи и студенти. Обуките ги спроведе фондацијата Претприемачки сервис за млади (ПСМ).
Следниот чекор е натпреварот во бизнис план. Успешните кандидати ќе влезат во бизнис инкубатор каде ќе добијат целосна стручна помош и бенефицирани услови за работа. Токму главна цел на целата Фондацијата ПСМ е формирање на инкубатор кој ќе им овозможи на младите претприемачи неопходни ресурси за развој на ново претпријатие. Се предвидува инкубаторот да биде лоциран во општината Гази Баба, која без надоместок, ќе овозможи користење на објект на нивна територија.
Идејата е овие активности да продолжат да се реализираат секоја година. Во иднина ќе се преземат чекори за зголемување на финансиската одржливост на проектот и формирање на СЕЕД, фонд наменет за претприемачите кои започнуваат сопствен бизнис.
“Предавачите беа коректни, услужни и поседуваа доволно знаење. Сепак, сметам дека некои од темите беа преамбициозно планирани, како на пример сметководствено работење, за кое е потребно повеќе денови на обука. Како и да е, генералниот впечаток ми е позитивен. Планирам да се натпреварувам за креативна идеја, односно да изработам солиден бизнис план, со мои истомисленици, во областа на услужната дејност, да победам и конечно да започнам сопствен бизнис”, вели Слободан Стефанов, студент на Електротехничкиот факултет во Скопје и учесник на сите 7 претприемачки обуки.
Започнувањето на споствен бизнис на младите претприемачи ќе биде вистинскиот доказ дека овие две фондации ги постигнале целите што си ги поставиле, создавање здрав претприемачки дух и започнување и одржување сопоствен бизнис.