Вкупно 13 претставници на здруженија на земјоделци имаа можност да научат за систематизацијата на работните места, за комуникациските вештини, да видат како се спроведува интервју за вработување, да направат разлика меѓу лидерството и раководењето, да научат да го мотивираат персоналот и да научат да поттикнат тимска работа.
Во периодот од 28 до 30 ноември 2005 година, во Скопје, беше организирана обука за управување со човечки ресурси. На обуката учествуваа 13 членови на здруженија на граѓани.
“Јас со моето досегашно искуство, можам да кажам дека една ваква обука ми недостасуваше. Обуката ми помогна да совладам некои модели за кадровски менаџмент. Улогата на тимското работење ми остави впечаток, а ми се допадна и практичните вежби кои ги изведовме заедено во тимови. Мотивирање на секој од вработените придонесува да активираме добра соработка меѓу менаџерот и работниците. Разликите меѓу лидерот и менаџментот добро ги уочивме, и со практични вежби ги дефиниравме улогите на менаџерот и улогата на лидерот. Се што научивме сигурно ќе ни послужи во идното работење во здружението, а воедно и во секојдневниот живот”, ни кажа Нако Николовски од Групата за развој на потсекторот “Домат и пиперка”.
На обуката учествуваа активисти од пчеларските здруженија: “Полен”, Свети Николе; “Пчела” од Велес; “Пчела” од Пробиштип; “Нектар” од Штип; “Цвет” од Радовиш; потоа од ЕСА од Тетово; ГРПС “Домат и пиперка” од Скопје; ЗЗП “Агропродукт” од Штип; ЗЗП од Куманово и од Групата за развој на потсекторот јаболко. Учесниците на обуката беа запознаени со раководење со човечки ресурси, систематизација на работните места, комуникациските вештини, интервју за и при вработување, лидерството и раководењето, мотивацијата на персоналот и тимската работа.
Обуката ја спроведе Неда Малеска-Сачмароска, обучувач од МЦМС.