“Со приходот од овој фризерски салон го издржувам моето седумчлено семејство и редовно ги плаќам давачките за салонот. Ако можам јас, зошто не би можел и некој друг”, вели Наде Дестановска.
На вратата на фризерскиот салон “Моделино” во Куманово нe дочека насмеана девојка, со беспрекорна фризура и шминка. Веројатно една од ученичките на сопственичката на салонот, си помислив, затоа и дојдовме за да поразговарама за обуката за фризери. На моето големо изненадување, тоа беше самата сопственичка на салонот, нашата домаќинка Наде Дестановска. Уште три девојки и две момчиња внатре беа подготвени да ни ги раскажат своите нови искуства во фризерскиот занает.
“Зошто фризерка, затоа што ова отсекогаш сум го сакала”, вели Наде. “Уште на 12-13 години почнав да им правам фризури на моите дома. Мајка ми најчесто ми беше моделот за вежбање”, додава таа. Наде имала петнаесетина години кога го посетила првиот курс за фризерки. И таа била дел од една обука низ работа, така го совладала занаетот и вештините на една фризерка. “Не го продолжив школувањето, но добив занает со којшто можам да заработувам за живот”, вели таа. “Сега сум во состојба да им го овозможам тоа и на други млади луѓе кои решиле да научат занает. Благодарение на Македонската развојна фондација за претпријатија и на програмата Применето образование за младите Роми на Македонскиот центар за меѓународна соработка моите ‘ученици’ добиваат занает и надомест за храна. Обуката ќе трае до крајот на годината, а во моментот имам деветмина заинтересирани да станат фризери”, со насмевка вели Наде.
И Рамиз Бајрамовски ја дели посветеноста на својата менторка кон фризерскиот занает. “Отсекогаш сум сакал да бидам фризер”, вели тој. “Би сакал да останам кај Наде и откако ќе заврши обуката. Сакам еден ден да имам свој салон, но засега немам такви можности”, вели Рамиз.
Нашата 24-годишна домаќинка ја запрашавме за исплатливоста на нејзиниот занает. “Не е лесно”, вели таа, “но ова е чесна работа и од неа може да се живее. И во оваа работа има шпицеви и послаби периоди. Во лето кога има многу свадби често морам да станам и во 4 часот наутро, за да започнам со работа во 5 часот. Јас со приходот од овој фризерски салон го издржувам моето седумчлено семејство и редовно ги плаќам давачките за салонот. Ако можам јас, зошто не би можел и некој друг”, вели Наде.
Се поздравивме со нашата ведра домаќинка и нејзините “ученици”. Посакавме уште многу млади луѓе да ја запознаат нејзината вештина во фризерството и ведрината не нејзиниот карактер.