Гостивар беше домаќин на четвртата економска конференција и на 6. регионален трговски саем ГО-ЕКСПО 2005. Од 29 септември до 2 октомври 2005 година, во организација на фондацијата ЕСА-Гостивар, се реализира 4. економска конференција во Гостивар.
На конференцијата се разговараше за улогата на малите и на средните претпријатија и за начините на поддршка на секторот на мали и на средни претпријатија. Економската конференција беше одлична можност за презентација на тековните активности на повеќе организации и комерцијални фирми.
На конференцијата учествуваше и Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП). Беше направена презентација на сите програмски активности, со посебен акцент на гарантниот фонд и условите и критериумите за негово користење. Исто така, беше потенцирана поддршката на МРФП за претприемачите од гостиварскиот регион преку финансиската поддршка за активностите на ЕСА-Гостивар, како и другите промотивни активности за еднаков пристап кон кредити.
Истовремено, ЕСА-Гостивар го реализира и 6. регионален трговски саем ГО-ЕКСПО 2005. На Саемот, фирмите и организациите од регионот и пошироко имаа можност да ги презентираат своите производи и активности. МРФП обезбеди повеќе информации за посетителите: МРФП Инфо, флаери, годишни извештаи, брошурата Поддршка на претприемништвото во Македонија и сл.
И двете активности на ЕСА-Гостивар се дел од “Програмата за развој на претприемништвото во гостиварскиот регион”. МРФП финансиски го помогна спроведувањето на планираните активности.