Со проектот “Подобрување на квалитетот на млечните овчи производи во плачковичкиот регион” на Здружението “Агропродукт”, се предвидува обука за подобрување на млечните овчи производи за 40-тина сточари од селата во плачковичкиот крај, претежно населени со население од турска националност – Јуруци.
Здружение на земјоделските производители “Агропродукт” од Штип, со поддршка на Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), на 24 март годинава, во подрачната единица на ОУ Страшо Пинџур во јуручкото село Прналија, Штипско, спроведе обука за подобрување на квалитетот на млечните овчи производи.
Обуката е дел од проектот на Здружението “Агропродукт” од Штип “Подобрување на квалитетот на млечните овчи производи во плачковичкиот регион”, со кој се предвидува да покријат обуки за 40-тина сточари од селата во плачковичкиот крај, претежно населени со население од турска националност – Јуруци. Проектот ќе трае 18 месеци и тој предвидува теоретски и практични вежби за правење сирење и други млечни овчи производи.
“Најголем проблем за локалните сточари од овој крај претставува хигиената во изработката на сирењето. Поради необрнувањето внимание на овој проблем, сирењето од плачковичкиот крај е со слаб квалитет и за него тешко се наоѓа пласман. Во наредниве месеци ќе се обидеме да промениме нешто во таа насока, а Агропродукт ќе стане првата граѓанска организација што ќе спроведе еден ваков проект”, потенцира Стојан Лазаров, обучувач агроном и член на ЗЗП Агропродукт.
Јакуп Ибраими, со своите четири малолетни деца, од 11 до 17-годишна возраст, живее во Прналија, исклучиво од сточарство. Чува овци и прави млечни производи од нив. “Во сточарските работи и производството на млечни производи многу ми помагаат и децата, тоа ни е единствен приход. Но, понекогаш овците заболуваат од бруцелоза, па тогаш имаме помор на овците. Производите најчесто ги пласирам на штипскиот пазар и во Карбинци. Занаетот во селово за изработка на сирење се пренесува од колено на колено, а здружението ‘Агропродукт’ е прво што дошло во селово и што ни понудило помош во обука за начинот на изработка на млечните овчи производи”, изјави Јакуп.
“Обично успеваме да ги продадеме нашите производи, најмногу сирењето, ама мака мачиме со наплатата. Често се случува да не можеме да си ја реализираме исплатата и испаѓа дека сирењето сме го дале за бадијала. А од тоа ми живее семејството, жена ми и петте деца. Сите помагаат во активностите околу правењето сирење, околу чување на стоката. Начинот на правење сирење го знаеме од дедовци и прадедовци и се надеваме дека немаме големи проблеми со правењето сирење. Ќе видиме, да ги слушнеме луѓето до ‘Агропродукт’ што ќе ни кажат”, потенцира Ферат Амет од Прналија
За обуката се испечатени две брошури, наменети за сточарите во регионот, едната за производство на квалитетно овчо млеко, а другата за сместување, нега и опрема.
На обуката учествуваа индивидуални земјоделци, сточари, од селата Прналија, Кучица и Курфулија.
Обучувачи беа Стојан Лазаров, Илчо Маролов и Тодорчо Мушевски, агрономи инженери.