Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) заедно со Здружението КХАМ од Делчево и Сојузот на стопански комори на Македонија ги сумираа резултатите од проектот „Пат кон кариера“ и ги презентираа на завршниот настан што се одржа на 19 мај 2016 година во хотелот Манастир во Берово.
„Преку обуки за развој на технички вештини се оспособија 34 жени, а практични вештини стекнаа 72 жени кои беа ангажирани во 24 претпријатија. Околу 120 жените беа вклучени во обуките за претприемништво и за комуникациски вештини. Еден дел од нив ги искористија новите вештини и ги развија своите бизнис идеи во бизнис планови“, рече Лазар Неданоски, раководител на програмата.
Проектот „Пат кон кариера“ требаше да ја подобри вработливоста на жените од етничките малцинства во источниот регион и да придонесе кон нивна интеграција на пазарот на труд. Беа опфатени жени од Берово, Виница, Делчево, Радовиш, Кочани, Пехчево и Штип.
„Успеавме да ги мотивираме жените и не само нив, имавме позитивен одговор и од институциите и од компаниите“, рече Зекир Абдулов од КХАМ Делчево осврнувајќи се на предизвиците од проектот. Тој додаде и дека целната група која беше опфатена со проектот е сложена и има свои специфики кои често се резултат на традицијата. „Нашето постојано присуство на терен, работењето не само со жените туку и со целите семејства придонесе за добар одѕив“, додаде Абдулов.
На присутните им беше презентиран краток документарен филм во кој беа прикажани искуствата на жените кои ги подобриле нивните практични вештини како и на работодавачите каде што беа ангажирани. Добрите искуства од овој проект треба да ја олеснат мотивацијата на жените за слични проекти во иднина.
На завршниот настан беа доделни и награди за најдобрите бизнис планови подготвени во рамките на обуките за претприемачки вештини. Рахилда Кадриова, Севдие Ибраимова, Џенита Адилова и Аинела Демирова од Кочани ја добија првата награда за идеата „Козметичко-фризерски салон во Кочани“; Шевала Груткова Муминовиќ од с. Црник ја доби втората награда за идеата „Бутик во с. Црник“, а Џансу Шаткова од с. Црник ја доби третата награда за идејата „Фризерски салон во с. Црник“.
„Сите девојчиња имаме сон уште од мали да бидеме козметичарки или шминкерки, и тоа е добар почеток“, рече Рахилда. „Наградата е доказ дека треба да продолжам и да ја реализирам бизнис идејата“. За нејзината пријателка, Севдие желбата е најважна, „Ако се сака, сѐ се може“, вели таа. Третонаградената Џансу Шаткова смета дека секој што сака да постигне нешто во животот треба да го направи тоа, „така ќе биде задоволен и среќен“, вели таа.
Првонаградените девојки планираат да подготват пријава за користење неповратни средства од владата со кои и практично би ја реализирале својата бизнис идеа.
Проектот е финансиран од Европската Унија, во рамките на ИПА Програмата за развој на човечки ресурси, преку Секторот за финансирање и склучување договори при Министерството за финансии и Министерството за труд и социјална политика, а спроведуван од Македонската развојна фондација за претпријатија, Сојузот на стопански комори и Кхам.