Советот на Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) на седницата одржана на 26 мај 2015 година го усвои Годишниот извештај за работата на МРФП во 2014 година, со финансискиот извештај и независното ревизорско мислење.
Тетјана Лазаревска, извршен директор на МРФП ги презентираше главните поенти од Извештајот. Таа истакна дека во однос на планот исплатата е повисока за 11,7%, а во однос на 2013 година за 22.6%. „Исплатени се кредити во износ од 198.374.688 денари кон 855 клиенти“, рече Лазаревска и додаде дека кумулативно, вкупно исплатените кредити од почетокот на работата на МРФП до крајот на 2014 година е над 2,6 милијарди денари (42.4 милиони евра) кон 11.999 клиенти, со што се поддржани вкупно 18.510 постојни и 4.870 планирани работни места.
Што се однесува до делот за промоција на претприемништвото, Лазаревска се осврна на неколку проекти. „МРФП го промовираше извештајот за глобалното претприемништво (ГЕМ) што го спроведе како дел од Националниот тим“, рече таа. Другите два проекти се однесуваа на изборот на најдобрите претприемачи во 2014 година што МРФП го прави заедно со Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) и проектот „Кон алтернативен туризам“ кој се спроведува во пограничниот регион со Албанија, а финансиски е поддржан од ЕУ.
Членовите на Советот изразија задоволство за постигнатите одлични резултати на МРФП и едногласно го усвоија Годишниот извештај за 2014 со финанскисиот и Ревизорското мислење.