На 3 и 4 февруари 2015 година, во хотелот Гарден во Охрид се одржа обука за традиционална и здрава храна во модерното угостителство. Дваесет и тројца претставници на ресторани и институции поврзани со угостителство од регионот на Охрид, Струга и Вевчани имаа можност да ги споделат искуствата, но уште повеќе да ги збогатат своите знаења и вештини за подготовка на храна и послужување вино. Обуката ја водеа Влатко Огненовски, готвач со големо меѓународно искуство и Александар Вучковски.
„Доколку сакаме да го подобриме туризмот, мора да ја подобриме и гастрономската понуда“, им рече Огненовски на учесниците. Тие заедно ги анализираа менијата на рестораните, кои според него се преобемни и на кои им недостасува храна која е обележје на овој крај, а за која има огромни ресурси во природата. „Скарата“, им рече Огненовски, „не е репрезент на нашата национална кујна. Брзата храна треба да ја исфрлиме и на нејзино место да ги промовираме нашите традиционални јадења“.
Огненовски и Вучковски истакнаа дека винската индустрија за кратко време постигнала одлични резултати, кои за жал храната не ги следи. Понудата кон туристите треба да биде комбинација од храната и виното кои на гостите ќе им понудат незаборавно искуство што ќе биде најдобрата промоција за регионот и за државата во целина.
„Целата обука се одвиваше во добра атмосфера“, вели Весна Ничоска, шеф на кујната во ресторанот Белведере и учесник на обуката. „Обуката беше одлична, штета што не се организираат почесто вакви обуки. Ние за жал имаме голем дефицит на обучени кадри за угостителство. Добро е да се организираат вакви обуки и за келнерите, затоа што тие се лицето на ресторанот. Особено ми се допадна што можевме и практично да видиме дел од работите. Ми се допадна и објаснувањето за спојувањето на некои од јадењата со посебни сорти вино. Тоа се работи што ни се потребни за да ја подобриме нашата угостителска понуда, а со тоа и туристичката понуда“, вели Ничоска.
За Ангела Василеска, Доцент на Катедрата по туризам и угостителство во Охрид ова треба да биде само почеток. „Треба да се направи јасна програма или акциски план за издигнување на гастрономијата на повисоко ниво во Македонија. Скроен пристап, ресторан по ресторан“, вели таа и додава дека особено внимание треба да се обрне на неколку сегменти: готвењето и нутриционизмот; сервисот што вклучува изглед, пристап, однесување и се разбира ентериерот. „Секое јадење треба да има своја приказна што ќе овозможи подобро да се продава кај туристите“, вели Василеска.
Обуката е дел од проектот „Кон алтернативен туризам“ што го спроведува Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) во партнерство со Локалната агенција за развој од Струга и Партнерс Албанија од Тирана, а се однесува на регионите на Охрид, Струга, Вевчани и Дебарца, во Македонија и регионите на Корча и Поградец во Албанија. Проектот финансиски е поддржан од Европската Унија во рамките на програмата за прекугранична соработка на Република Македонија со Република Албанија.