На редовната седница на Советот на МРФП одржана на 28 мај 2014 година беше усвоен Годишниот прогрес и финансиски извештај на МРФП во 2013 година со извештајот на независниот ревизор. Исто така се донесе и одлука за избор на Независен ревизор и за вклучување на нов член на Советот на МРФП.
Тетјана Лазаревска, извршен директор на МРФП, ги информираше членовите на Советот дека во 2013 година се исплатени кредити во износ од 161,793,517 денари кон 979 микро и мали претпријатија. Со овие инвестиции поддржани се 840 постојни работни места кај кредито-корисниците и планирани се 447 нови работни места.
Лазаревска се осврна и на постигнувањата во нефинансиските услуги. Таа истакна дека МРФП, како дел од Националниот тим на Светското истражување на претприемништвото (НТ ГЕМ), во 2013 г. го изготви и промовираше извештајот за претприемништво во Македонија за 2012 г. а избрани беа и најдобрите претприемачи за 2013 година. Дополнително наведе дека изминатата година се склучени нови договори за поддршка на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) и дека се спроведуваа дел од активностите за програмите „Кон алтернативен туризам“ и „Пат кон кариерата“ кои се финансиски поддржани од Европската Комисија. Членовите на Советот изразија задоволство за одличните резултати на МРФП како во делот на програмските активности така и за финансиските резултати.
Советот на МРФП на оваа седница го избра Горан Анастасовски за нов член на Советот на МРФП. Исто така беше донесена одлуката за избор на друштвото „Мур и Стивенс“ за независен ревизор за периодот 2014-2017 година.