Подигањето на свеста за претприемништво и охрабрувањето на потенцијалните претприемачи да започнат сопствен бизнис се посакувани промени кои бараат голема посветеност и проактивна улога не само на институциите на власта, туку и на сите актери кои дејствуваат во секторот на микро и мали претпријатија.
Во таа насока, на иницијатива на Сојузот на стопански комори на Македонија, во 2007 година, идејата за избор на најуспешни претприемачи во Македонија беше прифатена од повеќе организации кои работат во оваа област: Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Стопанската комора на северозападна Македонија и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење. Овие организации, 10 години по ред, се организатори на избор на „Претприемач на година“, заедно со Министерството за економија на Република Македонија, кое како организатор и институционален покровител се вклучи од 2009 година. Важноста и придонесот на овој настан го препозна и Штедилница Можности, која од 2011 година е спонзор на овој настан.
Изборот на најуспешните претприемачи немаше да биде возможен без поддршка на Централниот регистар на Република Македонија.
Секако, тука се и самите претприемачи кои на самите настани го промовираа претприемништвото како добар избор на кариера, споделувајќи го фактот дека успехот е резултат на посветеност, дека и во услови на криза преку работа се наоѓа излез од истата и дека изборот за најдобри претприемачи е потврда за нивните постигнувања.
На крајот, се надеваме дека со организација на овие настани поттикнавме потенцијалните претприемачи да започнат сопствен бизнис, да ги реализираат своите идеи и да создадат нови вредности.