МРФП е воспоставена кон крајот на 1998 година како одговор на проблемите со невработеноста и тешкиот пристап до извори на микро кредити во банкарскиот сектор. Владата на Кралството Холандија одобри 4 милиони евра за поддршка на македонските претпријатија преку МРФП.
Во првите четири години беа исплатени кредити во износ од 4,8 милиони евра кон 1.627 земјоделци, микро и мали претпријатија, беа подржани обуки за 480 земјоделци и претприемачи, а со техничка опрема беа опремени 16 здруженија. МРФП го иницираше и формирањето на развојни групи за домат и пиперка и за јаболко.
Во 2002 година, Кралството Холандија и МРФП го потпишаа новиот четиригодишен договор за нови 5,67 милиони евра. По пет години од основањето, во 2006 година, МРФП прв пат доби кредитен рејтинг – ББ, а три години подоцна ББ+.
За 15 години, преку кредити во износ од преку 37 милиони евра, МРФП поддржа 10.165 земјоделци и претприемачи. На тој начин, беа поддржани 16.797 постоечки и 3.977 нови работни места. Најголем број од кредитите, 51% се исплатени во секторот земјоделие, 44% во руралните региони, а за 45% од кредитите, носителите се жени.
МРФП креираше нови финансиски услуги: гарантен механизам, кредити за почетници, за туризам, за органско производство, за ИТ идеи и за претфинансирање на ИПАРД проекти. Фондацијата, преку финансиска поддршка, обуки и студиски посети го подржа и развојот на капацитетите на финансиските посредници НЛБ Тутунска банка, Халкбанк, штедилницата Можности и фондацијата Хоризонти, преку кои ги пласира кредитите.
Освен преку финансиска поддршка, МРФП учествува и во другите сегменти на развојот на претприемништвото. Од 2007 година е еден од главните организатори на манифестацијата „Претприемач на годината“. Од 2008 година МРФП е дел од националниот тим кој го спроведува најголемото истражување на претприемништвото во светот – Глобално истражување за претприемништво.
МРФП е еден од промоторите на концептот на Општествена одговорност на претпријатија во Македонија. Во 2010 година, за прв пат се спроведуваа активности и надвор од Македонија, во Косово. Тоа беше еден од петте проекти што се спроведуваше со финансиска поддршка од Европската Унија.
Поддршката на микро и малите претпријатија МРФП ја прави и преку поддршка на стопанските комори, земјоделските здруженија и асоцијациите на претприемачи.
Првите 15 години на МРФП се успешни. Успехот е предизвик за идните постигнувања, за исполнување на визија на фондацијата – намалена сиромаштија и невработеност и воспоставена социјална кохезија.